Лажни вести и говор на омраза не е граѓански активизам

Вклученост, навремено и точно информирање на сите засегнати страни за сите карактеристики и придобивки од идниот рудник се принципите според кои работиме на проектот за рудник за бакар Иловица-Штука.

Ја поддржуваме секоја активност за заштита на животната средина која е поткрепена со точни информации, но лажните вести и говорот на омраза воопшто не е граѓански активизам.

Имаме редовна комуникација со неколку локални здруженија а во повеќе наврати се обидовме да воспоставме и комуникација со малата група, коja без чувство за одговорност, шири паушални изјави и неточни податоци на штета на компанијата и пошироката јавност.

Впрочем, откако се појави оваа група, стручни лица и реномирани професори за теми поврзани со заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, постојано одговараат на сите потенцирани прашања и дилеми поврзани со проектот. За жал и покрај сите одговорени прашања, се повторуваат неоснованите напади од оваа група.

Досега слушнавме бројни обвинувања од областа на животната средина, геохемијата, сеизмичката активност во регионот, но ниту еднаш зад овие обвинувања немаше доказ од нивен експерт или познавач на таа област.

Ние ја почитуваме важноста на земјоделството во струмичкиот регион и слушнавме обвинувања дека рудникот ќе биде штетен за земјоделството, но ниту еден земјоделец не го кажал тоа досега.

Ниту едно од нивните тврдења за загадување не е поддржано од нашите сеопфатни извештаи и студии направени од независни македонски и меѓународни експерти во таа област или од други студии што сме ги презентирале. Овие постапки наведуваат на тоа дека таа група не бара одговори на прашањата, туку едноставно со навреди и лаги се обидува да привлече публицитет за да се промовира себеси и своите интереси.

На протестите редовно ги гледаме истите неколку лица кои немаат стручно познавање за рударството или за заштитата на животната средина, ниту за заштитата на човековото здравје или за земјоделството. И веројатно, водени од интереси кои само ним им се познати, постојано ги повторуваат истите работи за кои повеќепати се одговорени од кредибилни извори.

Понатаму, на неколку состаноци кои ги организиравме со цел да се информира јавноста или да се добие слика за јавното мислење, овие неколку лица доминираа со свирежи за да не се слушне гласот на локалното население. Ова не претставува слобода на говор, туку ограничување на слободата на изразување.

Посветивме многу ресурси и време за да се обезбеди заштита на животната средина и на здравјето на луѓето, согласно највисоките европски стандарди.
Станува збор за економска инвестиција која ќе донесе добробит за целата држава а особено за сите жители на општините Босилово и Ново село.
Ќе вработиме 500 лица и ќе ангажираме 2.700 други жители преку компаниите со кои ќе соработуваме. Ќе обезбедиме прилив во буџетите на двете општини и во државниот буџет и на тој начин, ќе заживее локална економија и ќе се поддржи развојот на струмичкиот регион.

Неопходно е да се истакне и дека жители од општините Босилово и Ново Село, во повеќе наврати и јавно покажаа поддршка за проектот.
Одзивот меѓу жителите за јавните презентации и средби, како и неформални дружења кои ги организиравме минатата година и годинава, е исклучително висок, што покажува дека локалното население верува во проектот.

Во оваа насока, повторно замолуваме и апелираме до сите поединци, здруженија и политички партии, да се воздржат од лиферување лажни вести, клевети и говор на омраза и од непотребни вознемирувања на засегнатите страни.

Ние продолжуваме со редовните активности за вклучување и информирање на заедницата, граѓанските здруженија и пошироката јавност.

биди информиран

Внесете ја Вашата е-пошта за новости